Често Поставувани Прашања и Најчесто повторувани грешки

Дома » Често Поставувани Прашања и Најчесто повторувани грешки
Често Поставувани Прашања и Најчесто повторувани грешки2018-11-06T22:40:08+00:00

Најчесто повторувани грешки при поднесување на барања за финансиска поддршка од ИПАРД Програмата 2007-2013

При аплицирање за добивање на средства од ИПАРД Програмата 2007-2013, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој советува да се обрне посебно внимание на следното:

Уредно пополнето барање за користење на средства за соодветната мерка (101, 103 или 302). Под уредно пополнето барање се подразбира внесување на сите податоци кои се бараат со исклучок на првиот дел каде што е наведено дека го пополнува АФПЗРР, податоци за лицето кое аплицира, неговите капацитети, инвестицијата и нејзината вредност. Под уредно пополнето барање се подразбира истото да содржи потпис (кај физичките лица) и потпис и печат (кај правните лица).

Документите и податоците кои се доставуваат во прилог на барањето за финансиска поддршка треба да се доставени во оригинал или копија заверена на нотар (освен онаму каде што е нагласено дека може да биде копија или скениран документ), документите треба да се со датум не постари од три односно еден месец како што е нагласено во образецот Барање за финансиска поддршка, а податоците кои се наведуваат треба да бидат вистинити и веродостојни.

Барателите на финансиска поддршка треба редовно да ги надмируваат обврските кон УЈП по основ даноци и придонеси, како и кон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. АФПЗРР проверува по службена должност со УЈП дали обврските по однос на даноци и придонеси се надмирени. Поради тоа АФПЗРР укажува пред поднесување на барањето за финансиска поддршка да се провери во УЈП дали постојат ненадмирени обврски по гореспоменатите основи и истите да се надмират. Исто така, во врска со месечните обврски кон УЈП, редовно да се надмируваат за целиот период на одлучување и времетраење на договорот за финансиска поддршка.

Барателите на финансиска поддршка, за сите делови од инвестицијата кои чинат над 10.000 евра се должни да достават три понуди од независни понудувачи. Под независни понудувачи се подразбираат понудувачи кои не се поврзани ниту капитално, ниту во управувачката структура, ниту семејно, ниту на кој било друг начин можат да влијаат на формирање на цената. Напоменуваме дека понудите треба да бидат издадени од правни лица кои навистина се регистрирани за дејноста или можат да докажат дека се бават со таа дејност односно се во состојба да ја испорачаат инвестицијата. АФПЗРР врши детална проверка на понудите и понудувачите од аспект на цените и реалноста на понудите. Затоа, при прибавувањето на понудите за предметот на инвестицијата барателите да се придржуваат кон Упатството за прибирање на понуди за корисниците на средства од ИПАРД Програмата кое може да се најде на веб страницата на АФПЗРР во делот ИПАРД- Формулари.

Во однос на големината на правното лице кое се јавува како барател, во мерките 103 и 302 пропишана е соодветна големина на соодветниот корисник која се определува како збир од два фактори: број на вработени и годишен приход (обрт) или биланс на состојба.Потребните податоци врз основа на кои може да се утврди големината на правниот субјект се добиваат од документот „ПРЕГЛЕД НА ПОДАТОЦИ ОД ГОДИШНАТА СМЕТКА ЗА ПРЕТХОДНАТА ГОДИНА” издаден од Централен Регистар на Република Македонија. За јавниот повик 01/2014 ќе се користат податоците од горенаведениот документ кои се однесуваат на 2013 година. Детални упатства за соодветната големина на корисници се дадени во Упатствата за корисници на средства од ИПАРД Програматата 2007-2013 за мерките 101 и 103 кои може да се најдат на веб страницата на АФПЗРР во делот ИПАРД- Формулари.

Во поглед на вкупната прифатлива вредност на инвестицијата, АФПЗРР укажува дека вкупната прифатлива вредност на инвестицијата не смее да биде под 3000 односно 10.000 евра без ДДВ. Доколку во инвестицијата се вклучени трошоци кои не се соодветни за ко-финансирање согласно ИПАРД Програмата истите не се пресметуваат во вкупната прифатлива вредност на инвестицијата.