Вицепремиерот Анѓушев и Министерот Николовски во посета на компанијата „Сентис Аг“: со европски средства од ИПАРД 2 и владина поддршка обезбедуваме развој на преработувачката индустрија

Дома » Вицепремиерот Анѓушев и Министерот Николовски во посета на компанијата „Сентис Аг“: со европски средства од ИПАРД 2 и владина поддршка обезбедуваме развој на преработувачката индустрија

Вицепремиерот Анѓушев и Министерот Николовски во посета на компанијата „Сентис Аг“: со европски средства од ИПАРД 2 и владина поддршка обезбедуваме развој на преработувачката индустрија

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, градоначалничката на општина Тетово, д-р Теута Арифи и директорот на агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, ја посетија компанијата „Сентис АГ“ од тетовско Џепчиште, која што претставува успешен пример за користење на средствата од ИПАРД 2 програмата. Оваа компанија во 2018 година склучи договор за користување на средства од мерката „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“, кои ги инвестираше во набавка на опрема, односно машина за полнење јогурт и два апарати за испитување на квалитет на млеко, со вкупна инвестиција од околу 100 илјади евра. Преку бенефициите кои ги нуди ИПАРД Програмата компанијата направи поврат на 50 %од вложените 100 илјади евра.

Вицепремиерот Анѓушев по извршениот увид на направената опрема, истакна дека ова е успешен модел што треба да се примени и во другите преработувачки субјекти и дека е особено корисен за подобрување на статусот и позицијата, како и за заштита на земјоделците во Република Северна Македонија.

„Ова што го видовме денеска тука, една компактна фабрика што ги задоволува сите стандарди за производство, нè охрабрува за понатаму да креираме програми во владата кои се насочени кон индустријата, особено за субјекти во преработувачката индустрија на земјоделските производи, затоа што само на тој начин се прави дополнителна и додадена вредност. Со измените во Законот за финансиска поддршка на инвестициите го прошируваме опфатот на компании, во делот на опрема за преработка на земјоделски производи, за да можеме да ги заштитиме земјоделците. Со проширување во преработка на земјоделските производи, тие своите производи нема да мораат да ги продаваат само како свежи, туку и преработени производи со што се зголемува трајноста, а и додадената вредност. Она што е најважно е дека на тој начин земјоделците нема да бидат условени и уценети своите производи да ги продаваат по најниска цена или воопшто да не го продадат својот род и да претрпат финансиска штета, туку ќе му додадат дополнителна вредност на својот труд. Овие програми се дизајнирани токму за да ги решат овие проблеми“, истакна вицепремиерот Анѓушев.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски потенцираше дека ефикасната искористеност на мерките што ги нуди ИПАРД 2 програмата е важна за развој на преработувачката индустрија што ќе придонесе и за решавање на клучните предизвици во земјоделството, во делот на пласманот и вишоците на земјоделски производи.

„Особено ме радува што најголем дел од овие средства веќе се слеваат или инвестираат во преработувачката индустрија во делот на целокупниот сектор на земјоделството, се со цел решавање на клучните проблеми во целиот сектор, особно решавање на вишокот производство, но и за производство на прозводи со висока додадена вредност, кои се извезуваат на странските пазари. Оваа компанија  е пример на инвестиција во која што имаме опрема за производство на јогурт, заедно со дополнителна проверка на квалитетот на производите и ова е успешен пример. Ме радува што на на првиот повик од ИПАРД 2 програмата се склучени 950 договори од кои што 760 договори се веќе реализирани односно тоа се инвестиции во износ од 8,3 милиони евра“, изјави Николовски, додавајќи дека претходниот месец завршија два нови јавни повика од ИПАРД 2 програмата, на кои вкупно се поднесени околу 1.200 барања, чии што износ на инвестиции надминува 33 милиони евра.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи изјави ваквите инвестиции се важни за економскиот развој на Тетово.

„Ова е компанија со години наназад дава придонес во развојот на Тетово. Оваа компанија се појавува како корисник на ИПАРД 2 програмата, и за нас е важно  што повеќе компании да ги користат овие средства“, изјави Арифи.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, посочи дека ИПАРД програмата и компаниите кои ја користат оваа подршка од ЕУ покажува дека во една рурална средина може да се направи  успешна инвестиција.

„На овој начин покажуваме дека максимално се вложуваме овие средства да бидат навремено целосно и  искористени. На последниот повик за мерката 3 имаме рекордни 65 барања во износ од 18 милиони евра. Тоа покажува дека интересот на преработувачите е голем,а и целта на државата е токму со развивање на преработувачката индустрија во руралните средини да се овоможи напредок и соодветни услови за живот во руралните средини“, изјави Бабовски.

Сопственикот на компанијата „Сентис АГ“, Сервет Ќазими, изјави дека постојано инвестираат во модернизирање на производство и за инвестициите ги користат финансиските средства што ги нудат мерките од ИПАРД 2 програмата. Ќазими аплицирал и на вторниот јавен повик за мерката 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“, и ги повика земјоделците да ги користат парите од европските фондови, кои што се важни за инвестирање во нови  и модернизирање на постоечките преработувачки капацитети.

Инаку периодов, барањата од последните два јавни повика од ИПАРД 2, забрзано се обработуваат во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, со цел побрзо да се склучат договорите со апликантите. Кон средината на оваа година е планирано да се објави нов повик за мерките од ИПАРД 2 програмата.

2019-04-15T23:59:38+00:0021 март 2019|