Втора едукативна работилница за ефикасно искористување на средствата од ИПАРД Програмата 2014-2020

Дома » Втора едукативна работилница за ефикасно искористување на средствата од ИПАРД Програмата 2014-2020

Втора едукативна работилница за ефикасно искористување на средствата од ИПАРД Програмата 2014-2020

Тетово, (09.01.2019)

Во Полошкиот регион, како еден од позначајните за домашното земјоделство но и за преработувачката индустрија, се одржа едукативна работилница за запознавање со процедурите и документите кои треба да бидат обезбедени при аплицирање за  искористување на  средствата од ИПАРД 2014-2020. На работилницата присуствуваа и со уводен говор се обратија г-дин Живко Брајковски од Телото за управување со ИПАРД фондовите, г-дин Николче Бабовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, г-дин Елгафар Јусуфи, директор на Агенцијата за поттикнување на земјоделството и г-дин Абдуљ Селам Селами, заменик директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Токму во Полошкиот регион неколку претпријатија имаат успешни реализирани приказни кои се финансирани преку ИПАРД Програмата. Во таа насока за нови квалитетни апликации потенцијалните корисници на ИПАРД средствата беа запознаени и за тековниот Јавен повик 01/2018 за  добивање на средства по Мерка 3 од ИПАРД програмата „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“, кој истекува на 29 ти јануари 2019 година.

Мерката 3, предвидува инвестиции во преработувачки капацитети за: млеко и млечни производи, месо и производи од месо, вклучително и живина и јајца. Предвидува и преработка на овошје, зеленчук, житарици, мелнички продукти и скроб, преработка на вино и оцет при што половина од вложените средства на земјоделците ќе им биде кофинансирана односно ќе им бидат вратени 50 отсто од парите кои им се одобрени како прифатлив трошок.

Вториот Јавен повик 02/2018 трае до 9 февруари 2019 година и се однесува на  Мерката 1 „Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства“. Бабовски потсети дека, со оваа мерка ќе може да се градат или реконструираат објекти за добиточна храна, складишта за храна, оранжери капацитети за ладење – калибирање и пакување на земјоделски производи. Исто така може да се набавуваат и машини и опрема за земјоделство, системи капка по капка, но, не и трактори бидејќи Буџетот за оваа намена е искористен со претходниот Јавен повик. Вкупната финансиска  поддршка во рамките на овој Јавен Повик изнесува околу 12 милиони евра.

Бабовски потенцираше дека на овој повик поднесените апликации мора да бидат целосни и комплетни што е и услов да поминат во следна фаза за разгледување.

Само на првиот повик со ИПАРД 2 програмата склучени се 940 договори во вредност од 18 милиони евра, што е повеќе од целиот програмски период за ИПАРД 1. На сметките на земјоделците и на бизнис заедницата досега вратени се 1,4 милиони евра за реализирани инвестиции во земјоделството и преработувачките капацитети.

Користењето на средствата од ИПАРД, за Македонија значи достигнување на стандардите на Европската Унија кои се однесуваат на квалитет и безбедност на храна, јавно здравје, заштитата на животната средина, заштита при работа, здравје и заштита на растенијата и на животните, благосостојба на животните, како и поддршка за оддржливо управување со природните ресурси и подобрување на условите за живот во руралните средини и руралната економија во целост.

Денешната работилница е втора по ред, (првата се одржа во Струмица на 26.12.2018 година) од делот на Кампањата за публицитет на ИПАРД Програмата 2014-2020, која ќе трае 18 месеци, односно во 2019 година и првата половина од 2020 и во чии рамки ќе се одржат 3 форуми, 6 работилници и преку 80 инфо денови.

Повеќе информации може да се најдат на www.mzsv.gov.mk, www.ipard.gov.mk и  www.ipardpa.gov.mk

2019-01-09T22:56:47+00:00јануари 9th, 2019|Соопштение, Соопштенија|