Отворени денови со земјоделците
Дата на објава: 13 Август 2015
Вкупно 102 населени места во 60 општини во Македонија ќе бидат опфатени со отворените денови наменети за земјоделците што се реализираат од страна на Министерството за земјоделство, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.
Во рамки на отворените денови денеска општина Могила ја посети заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски.
– Намерата е во период од 30 дена, односно од денеска до 13 септември да посетиме 102 населени места при што стручни тимови од Министерството и од двете агенции ќе ги посетат земјоделците во секое населено место. Започнуваме од 20 часот од Могила, додека во 21 часот ќе бидеме во посета на Добрушево, изјави Костадиновски.
За време на отворените денови земјоделците ќе имаат можност да се информираат за поволностите што ги нудат програмите за финансиска поддршка на земјоделството и да дадат свои предлози за надминување на проблемите со кои се соочуваат. Тимовите од МЗШВ ќе ги презентираат и можностите на ИПАРД-програмата.
– Отворено ќе дискутираме за сите прашања што сакаат да ги постават земјоделците и да разговараат за одредени проблеми што ги имаат поврзани со обработката на земјоделското земјиште или во врска со некои предмети што ги имаат пред Агенцијата за финансиска поддршка и развој на земјоделието или со Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделието, истакна Костадиновски.
Според него, отворените денови се добра можност директно и непосредно да се провери статусот на некој предмет или апликација за субвенции или да се постави прашање во врска со некоја од националните програми, односно програмата за рурален развој, програмата за субвенции или програмата за ИПАРД.
Костадиновски најави наскоро и почеток на чистењето на реката Црна во реонот на општините Прилеп, Битола, Могила и Новаци.
– Имавме координативен состанок со Дирекцијата за заштита и спастување и со Управата за хидрометеролошки работи и констатиравме дека сега е погоден период за отпочнување со чистење бидејќи водостојот дозволува влегување и работа во речното корито на Река Црна. За неколку дена започнуваме заедно и координирано од регионот на општините Прилеп, Битола, Могила и Новаци. Целосно ќе се направат зафати во делот на превентивата, односно ќе се реализира проект за превентивна заштита од евентуално идни поплави за да не се соочиме со последици со какви што се соочивме претходно, рече Костадиновски.