Развој на живинарството со поддршка на ФАО
Дата на објава: 9 Јуни 2015
Со поддршка на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), во идните месеци ќе се спроведува Проектот за развој на живинарството, во износ од 100.000 долари преку техничка и стручна помош во надминување на главните предизвици и потешкотии со кои се соочува живинарството во Република Македонија.
Целта на Проектот е да развие Програма за поддршка на семејните живинарски фарми за производството на јајца и бројлери за што постои долга традиција во Република Македонија, но со неискористен потенцијал, недоволна организираност и несоодветно позиционирање на пазарот проследен со отежнат пласман на производите.
Семејните живинарски стопанства ќе бидат стимулирани да го зголемат својот обем на производство преку поддршка на инвестициски планови, но една од важните компоненти ќе биде да се унапреди квалитетот и безбедноста на производот со примена на современа технологија и знаење. Истовремено, Програмата ќе ги развива кооперантските односи меѓу земјоделците, а нивното функционирање е пожелно да се базира на здружување на повеќе стопанства, особено поради заеднички вложувања и користење на ист кланичен капацитет, но и за полесен пласман на производите на пазарот. Вертикалната и хоризонтална интеграција е предуслов за градење цврсти и одржливи партнерски односи меѓу сите чинители во живинарскиот сектор, во која секој учесник треба да го најде својот интерес и да има своја улога.
За поддршка на инвестициските планови, на располагање ќе бидат ставени финансиска средства во рамки на програмите за директни плаќања на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и европските ИПАРД фондови, а предфинансирањето на овие инвестиции ќе биде помогнато со поволни кредити преку македонските комерцијални банки кои ќе земат учество во гарантната шема што се развива со помош на УСАИД.
Програмата за развој на живинарството која ќе ги лоцира клучните проблеми во оваа гранка и ќе препорача соодветни решенија, се смета за исклучително важна имајќи предвид дека сегашното производство од 500 тони живинско месо покрива само 5% од потребите на пазарот во Република Македонија, пришто 95% увоз не чини околу 50 милиони евра годишно. Со порастот на производството се предвидува постапно намалување на увозот и пласман на домашните производи на пазарот, а оптималните очекувања се дека со оваа поддршка би се зголемило производството на 30% во наредните 5 години.
Благодарение на поддршката што се обезбедува од ФАО, во изминатиот период беа спроведени бројни проекти за поддршка на земјоделството, меѓу кои подготовка на почвената карта на Република Македонија, изготвување на националната Стратегија за земјоделство и рурален развој 2014-2020, поддршка на процесот на консолидација на земјоделско земјиште, адаптација кон влијанието на климатските промени и други. Понатамошната соработка меѓу ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство уште еднаш беше потврдена на средбата меѓу генералниот директор на ФАО,Хозе Грациано да Силва, веднаш по неговиот реизбор за генерален директор за наредниот четиригодишен мандат, во рамки на Конференцијата на високо ниво, во Рим на 6-ти јуни 2015 година