Стартуваше Проектот за развој на живинарството во Македонија
Дата на објава: 3 Септември 2015
Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Михаил Цветков претпладнето ја отвори почетната работилница од Проектот за развој на живинарството во Македонија. Станува збор за Проект што се спроведува со техничка помош од Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации – ФАО, во чија реализација се вклучени и меѓународни и домашни експерти. Покрај нив, на денешниот старт на работилницата присуствуваа и претставници од владини институции, бизнис секторот, индивидуални производители, факултети и од невладиниот сектор.
Во поздравното обраќање, министерот Цветков рече дека државата ќе помогне за развој на живинарството во Македонија. Планот е во идната година од Буџетот да бидат издвоени околу 3 милиони евра за да се изгради фабрика за производство на јајца во прав и конзервирани јајца, а доколку биде неопходно ќе се гради и кланица и ќе се организира кооперативи за производство на бројлерско месо и производство на пилиња и матични јата.
За остварување на таа цел, во наредните четири месеци со поддршка на Организацијата за храна и земјоделство на ОН – ФАО ќе се спроведе Проектот чија цел е да се развие програма за поддршка на семејни живинарски фарми за производство на бројлери. Програмата треба да ги лоцира клучните проблеми, да препорача соодветни решенија и да предвиди како ќе се произведе и како и каде ќе се продаде бројлерското месо и по кои цени.
Како што истакна министерот за земјоделство главната цел во наредните пет години е да се намали увозот на пилешко месо во Македонија и да се зголеми домашното производството на живинско месо од 500 тони кое покрива само пет проценти од домашните потреби на пазарот.
– Увозот на живинско месо не чини околу 50 милиони евра годишно и е најголемата поединечна стапка во увозот на земјоделско-прехранбените производи. Со порастот на производството на пилешко месо се предвидува постепено намалување на увозот, а оптималните очекувања се дека со поддршката што ја предвидува Проектот би се зголемило производството на 30 отсто во наредните пет години, рече Цветков.
Се предвидува семејните живинарски фарми да бидат стимулирани да го зголемат своето производство преку поддршка на инвестициски планови, за што средствата ќе се обезбедат преку Програмите за директни плаќања на МЗШВ и ИПАРД фондовите, како и со поволни кредити од македонските комерцијални банки преку гарантната шема што се развива со поддршка на УСАИД.
– Програмата истовремено ќе ги развива и кооперативните односи меѓу земјоделците, а нивното функционирање ќе се базира на здружување на повеќе стопанства поради заеднички вложувања и користење на ист кланичен капацитет, но и за полесен пласман на производите на пазарот, додаде Цветков.
Тој потенцира дека производството на јајца во целост ги задоволува домашните потреби од 150 јајца по глава на жител или околу 300 милиони на годишно ниво.
– Примарна цел ни е да се задржи оваа состојба. Во насока на регулирање на вишоците на јајца на пазарот во одредени чувствителни периоди од годината, како и заради потребата од преработка на јајца од „б“ класа потребно е да се воспостави производен капацитет на национално ниво за преработка на јајца во течна или сува состојба. МЗШВ разработи модели за финасирање на изградба на таков погон за што ќе се обезбедат средства од Буџетот, рече Цветков.
Пред присутните говореше и тим лидерот на Проектот, Дејвид Левен кој посочи дека се планира да се направат пакети за поддршка на производството на бројлери и годишно да се обезбедат 12.500 тони живинско месо од домашно производство за кое ќе биде обезбеден пласман.
– Проектот предвидува изработка на студија со три компоненти. Со првата се планира да се направи анализа на ситуацијата за да се покријат 25 до 30 отсто од потребите за пилешко месо од домашниот пазар. Втората предвидува подготовка на бизнис план за технолошки постапки со физибилити студија за мали бројлерски капацитети и препораки како да се зајакнуваат, а третата пакети за поддршка од страна на Владата за мали и средни живинарски фарми. Со еден збор треба да се одреди кој, што, како и по која цена ќе може да биде поддржан, рече Левен, додавајќи дека со денешната воведна работилница официјално почнува изработката на Студијата.