ИПАРД инфо караванот денеска беше во кумановскиот регион, се остварија средби со потенцијалните корисници од Куманово и Липково. На двете локации имаше бројно присуство на земјоделци, кои покажаа голем интерес за јавниот повик.
Условите од јавниот повик за Мерка 1, начинот на подготвка на документација и условите за аплицирање, денеска беа детално објаснети пред присутните потенцијални корисници. Тимовите од Телото за управување со ИПАРД, Платежната агенција и АПРЗ, имаа свои презентации и одговараа на поставени прашања, со цел да се избегнат грешки во постапката за аплицирање и да се креираат успешни апликации за искористување на средствата од овој јавен повик.
Кумановскиот регион се одликува со голема хетерогеност и располага со земјиште со производен потенцијал за здрави поледелски, фуражни и индустриски култури, и изобилство со високопродуктивни пасишта за одгледување на крупен и ситен добиток. Мерка 1 има многу широк опсег и можат да ја користат земјоделци кои имаат различно производтсво, а токму ваков е составот на земјоделците од кумановскиот регион, кои денеска учествуваа на средбите.
Целта е заедничка, со поддршка на средствата од ИПАРД Програмата (2021-2027), заедно да го модернизираме домашното производство со нова современа земјоделска и приклучна механизација за производство и постбербени активности, нови или реконструирани фарми или помошни објекти, инвестиции во производство на енергија од обновливи извори како и инвестиции во преработка и директен маркетинг на сопственото земјоделско производство на фарма.
Караванот продолжува и утре 14.03.2025 (петок), на средбa со потенцијалните корисници од Петровец, со почеток во 14 часот, во просториите на општинската зграда Петровец.
Утрешниот ден е последен од инфокараванот за јавниот повик од Мерка 1. Но, институциите остануваат отворени за соработка за сите дополнителни прашања. Вработените од МЗШВ, АФПЗРР и АПРЗ ќе бидат достапни на следниве веб страници и телефонски броеви:
- Тело за управување со ИПАРД фондовите при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство – https://ipard.gov.mk или 02/3134-477 локал 113, 114 и 115,
- Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој – http://www.ipardpa.gov.mk или на 02/3097-460 и 070/229-434 (сектор за одобрување на проекти), 070/229-328 (сектор за одобрување на исплати),
- Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството – http://agencija.gov.mk/ или на 047/228-330 и 047/228-370.
Ги повикуваме сите заинтересирани корисници, слободно да не контактираат. Крајната цел е успешни апликации кои ќе овозможат целосно да се искористат средствата во износ од 7,4 милиони евра предвидени со овој јавен повик кој истекува на 29. март.