Валандово, (22.01.2019)
Продолжуваат инфо деновите од едукативната кампања за ИПАРД 2014 – 2020. Експертите од МЗШВ и АФПЗРР во Валандово и Росоман се фокусираа на прашањата кои се однесуваат на преработувачката индустрија и примарното земјоделство. Претставниците од Телото за управување со ИПАРД при МЗШВ ги претставија мерките за примарно земјоделско производство и за преработка на земјоделски производи. Притоа ги потенцираа приоритетните сектори, потенцијалните корисници, прифатливите инвестиции и критериумите. Целта на денешните инфо денови беше придобивките од ИПАРД програмата да допрат до присутните и заинтересираните за да се заинтересираат да ги користат европските фондови планирани за 2014 – 2020.
Претставници од Секторот за одобрување на проекти од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја објаснија целосната постапка за користење на средства од ИПАРД 2014 – 2020. Презентирани беа самите јавни повици, потребните документи а покажано беше како изгледа еден деловен план/ТПП.
Информациите околу деталите, потребните документи и јавните повици сите заинтересирани може да ги погледнат на веб страниците на ИПАРД Македонија, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и тоа http://www.ipardpa.gov.mk, https://ipard.gov.mk, http://mzsv.gov.mk/, http://agencija.gov.mk/ или да се јават во сектор ИПАРД при МЗШВ на 02/3134-477 локал 113, 114 и 115 во АФПЗРР 02/3097-460 и АПРЗ 047/228-330 и 047/228-370.
Во тековниот период на едукативните денови ги потсетуваме земјоделците дека во тек се 2 отворени јавни повици. Рокот за поднесување понуди за „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“ истекува на 29-ти јануари, а за мерката „Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства“ на 9-ти февруари.