Штип, (17.01.2019)
Денеска во големата сала на општина Штип се одржа инфо ден од едукативната кампања за ИПАРД Програмата 2014 – 2020. Во текот на денот активностите продолжуваат во Радовиш во Домот на културата „Ацо Караманов“.
Целта на инфо деновите е да ги запознаат сите засегнати и зантересирани страни со спроведувањето и користењето на ИПАРД 2014 – 2020. На настанот во Штип присуствуваа претставниците од Одделението за програмирање и проценка при Телото за управување со ИПАРД од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тие ги претставија мерките за примарно земјоделско производство и преработка на земјоделски производи. Од Секторот за одобрување на проекти при Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој беше детално објаснета постапката при АФПЗРР за користење на средства од програмата.
Голем интерес имаше при претставувањето на примерот на успешно реализиран проект од претходниот јавен повик. Таму се поставија голем број на прашања и претставниците од агенцијата и министерството потенцираа дека сѐ уште има отворени 2 јавни повици. Конкретно, рокот за поднесување понуди за „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“ истекува на 29-ти јануари, а за мерката „Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства“ на 9-ти февруари.
Едукативната кампања на инфо денови започна во Велес и Лозово. Денешниот инфо ден е дел од едукативната кампања за ИПАРД 2 Програмата 2014-2020, која ќе трае 18 месеци и во чии рамки се организираат 3 форуми, 6 работилници и 80 инфо денови.
Сите заинтересирани за ИПАРД Програмата може да најдат повеќе детали, информации и потребните документи навеб страниците на ИПАРД Македонија, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и тоа http://www.ipardpa.gov.mk, https://ipard.gov.mk, http://mzsv.gov.mk/, http://agencija.gov.mk/ или да се јават во сектор ИПАРД при МЗШВ на 02/3134-477 локал 113, 114 и 115 во АФПЗРР 02/3097-460 и АПРЗ 047/228-330 и 047/228-370.