Велес, (16.01.2019)
Покрај двете работилници кои се одржаа во Струмица и Тетово, денес од Велес и Лозово започна бранот на инфо денови во склоп на едукативната кампања за ИПАРД Програмата 2014–2020. Утре, 17.01.2019, четврток, ќе бидат организирани и инфо денови во големата сала на општина Штип и Домот на културата „Ацо Караманов“ во Радовиш. По одржување на овие инфо денови едукативната кампања на ИПАРД Програмата 2014-2020 продолжува со инфо денови, работилници и форуми низ целата територија на Република Македонија.
Во Велес присуствуваше и заменик директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој, Авдуљ Селам – Селами, кој порача „Чест и задоволство е денеска овде во Вардарскиот дел на земјава да се објаснат можностите кои ги нуди ИПАРД програмата. Овој крај е еден од позначајните за домашното земјоделство, но и за преработувачката индустрија, затоа многу е важно навреме да ги знаете сите правила и процедури кои треба да се запазат за да ги искористите средствата кои ни се на располагање преку ИПАРД програмата. Во моментов со Мерките 1 и 3, на располагање се 25 милиони евра.“. Тој додаде дека е врвен приоритет да се искористат што повеќе средства од ИПАРД 2 програмата со што на домашното стопанство ќе му се овозможи со европските средства да се создадат производи со додадена вредност, кои ќе бидат конкурентни, а тоа ќе обезбеди поголем економски раст.
Претставниците од Одделението за програмирање и проценка при Телото за управување со ИПАРД од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја презентираа Мерка 1: Инвестиции во основни средства на земјоделските стопанства од ИПАРД можностите за македонското земјоделство и руралниот развој. Додека, претставниците од Секторот за одобрување на проекти при Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој ги потенцираа деталите од постапката за користење на средства од ИПАРД Програмата 2014-2020.
Во, Лозово, покрај Мерка 1 беше претставена и Мерка 3 за преработка на земјоделски производи. Фокусот беше на секоја мерка поединечно. За време на инфо денот во Велес, беа организирани и работи во групи со практична вежба за подготовка на Технички предлог проект и Деловен план на претпоставени предлог проекти за мерка 1 и беше претставен пример на успешно реализиран проект од претходен јавен повик.
Во големата сала во Општина Штип со почеток во 10:00 и во Домот на културата „Ацо Караманов“ во Радовиш во 14:00 ќе се претстават двете мерки, и тоа Мерка 1: Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства за примарно земјоделско производство и Мерка 3: Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи. За секој заинтересиран овој инфо ден е одлична можност за запознавање со методите за користење на ИПАРД 2014-2020.
На 29-ти јануари истекува рокот за поднесување на барања за мерката 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“. Рокот за поднесување на барања за мерката 1 „Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства“ истекува на 9-ти февруари.
За повеќе детали околу ИПАРД Програмата и потребните документи и информирации може да се посетат веб страниците на ИПАРД Македонија, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и тоа http://www.ipardpa.gov.mk, https://ipard.gov.mk, http://mzsv.gov.mk/, http://agencija.gov.mk/ или да се јават во сектор ИПАРД при МЗШВ на 02/3134-477 локал 113, 114 и 115 во АФПЗРР 02/3097-460 и АПРЗ 047/228-330 и 047/228-370.