Подготовка за акредитација на нова ИПАРД Мерка- Инвестиции во руралната инфраструктура со ИПАРД 2 Програмата.
Дата на објава: 27 Јануари 2015
Со 250.000 евра до мај годинава Платежната агенција ќе се подготвува за акредитација за новата ИПАРД Мерка – инвестиции во руралната инфраструктура.
Станува збор за твининг проект финансиран од ИПА 2010 што официјално почнува денеска, а ќе се спроведува во соработка со словенечката Агенција за земјоделски пазари и рурален развој.
– Подобрувањето на руралната инфраструктура е еден од највисоките приоритети на Владата за што придонесува за подобрување на стандардот на земјоделците, на пазарната конкурентност и ефикасност, како и за зголемување на заштитата на животната средина и вработувањето во неразвиените подрачја, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.
Според него, македонскиот земјоделски рурален сектор се соочува со значајни предизвици во однос на можностите за квалитетно производство, конкуренција на регионалните, европските и меѓународните пазари, подобрувањето на квалитетот на живеењето, како и отворање нови работни места. Оттука, вложувањето во руралната инфраструктура е клучно.
– Целта на оваа нова мерка која ќе се воведе со ИПАРД 2 Програмата е да овозможи добра средина за развој на руралната економија преку изградба на селски патишта и улици, управување со водите за пиење и отпадните води, обезбедување со енергија и други активности, подвлече министерот.
Околу 80 проценти од територијата на Македонија, додаде, се рурални подрачја, а потенцијални корисници на новата ИПАРД мерка се руралните општини и јавните претпријатија за стопанисување со шумите и пасиштата.
Како што истакна евроамбасадорот Аиво Орав, мерката е дизајнирана согласно капацитетите на руралните општини во кои ќе се спроведува.
– Дефинитивно постои потреба да бидеме иновативни и прагматични. Капацитетите во руралните области се ограничени и затоа условите за користење на мерката мора да бидат едноставни и остварливи, посочи Орав, потенцирајќи дека паралелно мора да се инвестира и во обучување на општините.
И директорот на Платежната агенција Тони Димовски се согласи дека е потребно воспоставување ефикасна административна инфраструктура на локално ниво за што поголемо и поуспешно апсорбирање на европските пари.