Секој ден, веќе трета недела по ред, се одржуваат ИПАРД инфо денови низ цела Македонија. Денеска се одржаа две средби, со земјоделците од струшките села Велешта и Мислешево.
Струшкото поле има идеални услови за земјоделско производство. Во Велешта најмногу се одгледува пченица, пченка, јачмен, тутун и винова лоза, а во Мислешево најзастапено е одгледувањето на житни и градинарски култури како што е познатата сорта на домат „воловско срце“, пиперки, кромид, зелка, а развиено е и овоштарството.
Во овие села, земјоделската механизација, трактори, комбајни, косачки, балирки и друга механизација, се главната слика за секое земјоделско семејство.
Токму затоа, можноста која ја нуди Мерка 1 и јавниот повик кој е во тек, треба да се искористи за да се обнови земјоделската механизација, особено во селата кои имаат реално земјоделско производство и живеат од тоа.
На денешните средби, земјоделците директно се информираа за условите од јавниот повик, начинот и постапката за аплицирање, со цел да им се помогне на сите кои планираат да аплицираат, да ја подготват документацијата и навремено да ја достават согласно условите дефинирани во повикот.
Караванот утре 12.03.2025 (среда), продолжува во Демир Хисар и Кравари, со следниов распоред:
- Демир Хисар во 11 часот во Домот на култура и
- Кравари во 14 часот во просториите на Месната заедница
Ова е последна недела од караванот ИПАРД инфо денови и затоа ги повикуваме сите заинтересирани корисници, да ја искористат можноста и да присуствуваат на средбите. На овој начин директно ќе се информираат за се што не им е јасно, а целта е успешни апликации и искористување на средстата.
Јавниот повик ќе трае до 29. март. На располагање се 7,4 милиони евра, наменети за набавка на основни средства за земјоделско производство, што ќе придонесе да се модернизира македоноското земјоделство и да се обнови земјоделската механизација.