Денеска, во Петровец се одржа последниот ИПАРД инфо ден и со тоа завршува инфокараванот за јавниот повик 01/2025 од Мерка 1 „Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства“.
Условите од јавниот повик за Мерка 1, начинот на подготвка на документација и условите за аплицирање, денеска беа детално објаснети пред присутните потенцијални корисници. Тимовите од Телото за управување со ИПАРД, Платежната агенција и АПРЗ, имаа свои презентации и одговараа на поставени прашања, со цел да се избегнат грешки во постапката за аплицирање и да се креираат успешни апликации за искористување на средствата од овој јавен повик.
На располагање се 7,4 милиони евра, средства кои ќе бидат инвестирани дома во модернизирање на земјоделското производство.
Целта е заедничка, со поддршка на средствата од ИПАРД Програмата (2021-2027), заедно да го модернизираме домашното производство со нова современа земјоделска и приклучна механизација за производство и постбербени активности, нови или реконструирани фарми или помошни објекти, инвестиции во производство на енергија од обновливи извори како и инвестиции во преработка и директен маркетинг на сопственото земјоделско производство на фарма.
Ги потсетуваме сите заинтересирани корисници дека јавниот повик 01/2025 истекува на 29. март. Има доволно време да се подготват апликациите и навремено да се поднесат до Платежната агенција.
Иако инфо деновите завршуваат денеска, тимовите од институциите и понатаму ќе бидат достапни за прашања и консултации на следниве веб страници и телефонски броеви:
- Тело за управување со ИПАРД фондовите при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство – https://ipard.gov.mk или 02/3134-477 локал 113, 114 и 115,
- Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој – http://www.ipardpa.gov.mk или на 02/3097-460 и 070/229-434 (сектор за одобрување на проекти), 070/229-328 (сектор за одобрување на исплати),
- Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството – http://agencija.gov.mk/ или на 047/228-330 и 047/228-370.
На сите кои присуствуваа на средбите им благодариме за покажаниот интерес, со тоа сите придонесоа за успешноста на инфокараванот.