Министерот Цветков го отвори саемот „Агрофуд“.
Дата на објава: 1 Октомври 2015
За квалитетно и конкурентно земјоделско производство неопходни се напредни технологии, повисоки стандарди за квалитет и безбедност на храна, поголема финансиска поддршка и инвестиции, како и прилагодување кон барањата на потрошувачите, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, отворајќи го годинашниот 65. Саем за широка потрошувачка „Агрофуд“.
Земјоделското производство во Македонија, нагласи Цветков, ги задоволува потребите на домашниот пазар со висок процент од околу 95 отсто, а во одредени потсектори е и извозно ориентирано и конкурентно на странските, а пред се на европскиот пазар.
– Владата во изминатите години е примарно насочена кон подобрување на конкурентноста на стратешките извозно ориентирани земјоделски производи, паралелно со зголемување на обемот на производство заради задоволување на домашните потреби, што се реализира преку низа мерки и политики, вклучувајќи го и драстичното зголемување на финансиската поддршка за инвестиции, истакна министерот.
На располагање се, потсети, финансиски средства од програмите за директни плаќања и за рурален развој, како и европските ИПАРД фондови, додека претфинансирањето ќе биде помогнато со поволни кредити преку македонските комерцијални банки кои ќе учествуваат во гарантниот фонд и преку субвенционирање на каматните стапки на земјоделските кредити.
– Еден од клучните приоритети на Владата е стимулирање на компаниите за поорганизиран настап на традиционалните, но и на нови атрактивни пазари на кои не се доволно застапени. За таа цел секоја година одвојуваме по 500 илјади евра за национална промоција на виното, зеленчукот и овошјето преку учество на најзначајните светски саемски манифестации, потенцира Цветков.
Ваквите, како што напомена министерот, сериозни заложби за континуирано поддржување на земјоделството во сите сегменти, даваат видливи резултати.
– Свесни сме дека пред Македонија се уште стои предизвикот за вклучување во глобалниот систем на светската економија, што бара поголема посветеност и цврста определба за доследно спроведување на почнатите реформи, а Министерството и Владата и во следниот период остануваат сигурен партнер на земјоделците и компаниите од земјоделско-прехранбениот сектор, подвлече Цветков.
Во своето обраќање тој се осврна и на значењето од употребата на сертифициран здравствено исправен посадочен материјал чие производство е исто така меѓу приоритетите на Министерството кое предвидува отворање најмалку два расадника за околу 50 милиони единки сертифициран расад за што се обезбедени и локации и финансиска поддршка.
Продолжуваат и низата активности за подобрување во потсекторите за производство на пилешко месо и житни производи, во делот на наводнувањето, како и во промената на неповолната земјишна структура поради фрагментираните парцели.
Од посебен интерес, рече министерот Цветков, остануваат инвестициите во руралните средини.
На отворањето на „Агрофуд“ се обратија и амбасадорите на Швајцарија и на Унгарија, Стефано Лазарото и Јожеф Бенце. Лазарото потсети дека Швајцарија веќе 10 години го поддржува македонското органско производство, а и на саемот е присутна со своја компанија од оваа област, додека Бенце повика на интензивирање на македонско-унгарската стопанска соработка, потсетувајќи дека пред три години за оваа цел е формиранa и Мешовита стопанска комисија.
„Агрофуд 2015“ е под покровителство на Министерството за земјоделство. Во фокусот се македонската традиционална зимница и органските производи.
Во рамки на саемот кој има и продажен карактер, ќе се одржи и македонско-унгарски деловен форум што го организира Сојузот на стопанските комори.