Рокот за доставување на апликации за Мерка 1, „Инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства“ од ИПАРД 2 програмата, е до 3-ти август. Но, поради продолжениот викенд и неработните денови, од ИПАРД повикуваат апликациите да бидат испратени по пошта до 1-ви август, односно во сабота во поштите кои што ќе работат тој ден.
Сите заинтересирани граѓани и стопанства за користење на средства од ИПАРД 2 Програмата, целокупната документација треба да ја достават во затворен плик со назнака „Не отворај“, за Јавен оглас ИПАРД бр 01/2020, директно во писарницата на Агенцијата или пак да ја испратат по препорачана пошта на следната адреса:
Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој,
бул. „ 3-та Македонска бригада“ бр.20 (зграда на Македонија Табак блок Ц) 1000 Скопје
Финансиската поддршка по поединечно барање се доделува како неповратен грант во износ од 60% од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите за оваа мерка. Процентот се зголемува до 65 % за инвестиции во земјоделски стопанства, управувани од млади земјоделци (физички лица на возраст од 18 години до 40 години на денот на поднесување на барањето за финансиска поддршка) и 70% за инвестиции во земјоделски стопанства во планинските области.