По барање на заинтересираните странки, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, за дополнителни 15 дена го продолжи рокот за аплицирање за мерката 3 “ Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибини производи“ која се финансира од ИПАРД 2 програмата. Наместо до 11- ти февруари сите заинтересирани, апликациите ќе може да ги доставуваат до 26 февруари.
Директорот на АФПЗРР, Николче Бабовски, преку соопштение за јавноста информира дека со оваа им се дава доплнителна можност за прибирање и комплетирање на целокупната документација која е потребна за аплицирање за добивање на средствата.
Преку Јавниот повик за Мерката 3 „ Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибини производи “ од ИПАРД 2 Програмата, вкупно на располагање се 13,3 милиони евра. Оваа мерка овозможува реализација на инвестиции во модернизација на постоечките или отворање на нови погони за производство на млеко и млечни производи, месо и месни производи, вклучувајќи и јајца, живина, потоа овошје и зеленчук, вклучувајќи печурки, компири и илегуминозни култури, житарици, млечни продукти и скроб, зеленчукови производи, масла и маснотии од животни, шира, вино и оцет“, појаснува Бабовски.
Преку мерката 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“, ќе може да се набават машини, опрема за преработка на земјоделски производи ( од растително и животинско потекло), како и да се градат нови или да се реконструираат постоечки објекти за преработувачки капацитети, а со цел унапредување на домашниот агро – сектор и достигнување на ЕУ стандардите. Деталите за Јавниот повик, се објавени на веб страната на Агенцијата односно може да се преземат на www.ipardpa.gov.mk .
Апликациите кои ќе бидат доставувани мора да бидат целосно комплетни. Согласно програмата до 65% од прифатливите трошоци за реализираната инвестиција ќе им бидат вратени на апликантите преку средствата од ИПАРД 2 Програмата. Начинот и постапката за користење на финансиска поддршка од ИПАРД Програмата 2014-2020 се пропишани во Уредбата. Со користење на европските средства од петтата компонента на инструментот за предпристапна помош се унапредува и осовременува домашниот агро – сектор, а со тоа се овозможува зголемено производство, квалитет, како и пласман на домашните земјоделски производи во странство.