Вкупно посетители

MЕРКА ИНВЕСТИЦИИ ВО МАТЕРИЈАЛНИ СРЕДСТВА НА ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ СТОПАНСТВА

  1. Корисници

Корисници  кои може да аплицираат и да користат поддршка во рамките на оваа мерка се земјоделски стопанства и задруги.

Земјоделско стопанство кое е регистрирано во Единствениот регистар на Земјоделски стопанства при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (во понатамошниот текст „Регистар на фарми”) согласно Законот за земјоделство и рурален развој, може да аплицира и користи поддршка од оваа мерка.

Земјоделското стопанство може да биде регистрирано во Регистарот на фарми како семејно земјоделско стопанство претставувано од физичко лице,  индивидуален земјоделски производител или како земјоделско стопанство претставувано од правно лице.

Семејното земјоделско стопанство го претставува физичко лице кое е член на земјоделското домаќинство. Физичкото лице е овластено, од страна на сите други членови од земјоделското домаќинство, да го претставува земјоделското стопанство пред надлежните органи и да управува со него. Овластениот претставник и останатите членови на земјоделското домаќинство треба да живеат на иста адреса која е наведена како седиште на земјоделското стопанство, без оглед на локацијата на земјоделскиот имот (земјиште и објекти).

Индивидуален земјоделски производител е физичко лице кое се занимава со земјоделство  за негови/нејзини лични потреби како сопственик на земјоделскиот имот или кој има право на користење на фарма добиено преку склучување законски договор за користење на земјиште и е регистриран во Регистарот за земјоделски производители при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство или како Индивидуален земјоделски производител во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Индивидуалниот земјоделски производител е регистриран како семејно земјоделско стопанство во Регистарот на фарми.

Земјоделското стопанство – правно лице треба да биде регистрирано во Централниот регистар  согласно Законот за трговски друштва.

Задруга која е регистрирана во Централниот регистар согласно Законот за задруги  која се занимава со земјоделска дејност, преработка на земјоделски производи и/или услуги кои се директно поврзани со земјоделските активности.

  1. Ограничувања и демаркација со другите мерки од оваа програма

Со цел подобро насочување на инвестициската поддршка и постигнување демаркација помеѓу мерките во рамките на оваа програма, корисниците ќе бидат предмет на ограничувања во рамките на оваа мерка.

Поддршка за пост-бербени активности, преработка на фарма и директен маркетинг, во рамки на оваа мерка ќе биде доделена само за сопственото земјоделското производство, произведено од страна на земјоделското стопанство (или земјоделското производство на членовите на задругата) – и ќе се оценува од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој врз основа на технички предлог проект/деловен план и преку последователни контроли.

Поддршка не може да се одобри за земјоделските стопанства-правни лица  во случај нивниот капитал да е во сопственост на јавни претпријатија, органи на државна управа или од страна на државата со повеќе од 25%. Во одредени случаи каде се смета за соодветно врз основа на националното законодавство, Телото за управување со ИПАРД може да побара од Европската комисија да одлучи преку доставување на образложено барање.

Доколку барателот претходно користел ЕУ поддршка за трактор во рамките на оваа програма, не може дополнително да поднесе барање  за  користење на поддршка за трактор. Ова ограничување не се однесува на задруги.

Поддршка за инвестиции во обновливи извори на енергија на фарма (биомаса, ветер, сончева енергија, хидраулична, геотермална итн. и / или преку преработка на растителни и животински производи од примарна и секундарна биомаса, опфатени со Анекс I од Договорот даден во Прилог 7 Листа на производи од Анекс I на договорот , кој е составен дел од оваа програма), со капацитет на производство кој  ја надминува годишната сопствена потрошувачка на корисникот, не се прифатливи според оваа мерка бидејќи се поддржани со мерката „Диверзификација на фармите и развој на бизниси”.

  1. Општи критериуми за прифатливост

Сите баратели потребно е да достават барање за користење на средства до ИПАРД II Програмата ,  придружено со сите потребни општи и посебни документи и технички предлог проект или  деловен план.

Сите баратели кои аплицираат за инвестиции поврзани со растително производство во времето на поднесување на барањето треба да покажат постоење на обработлива земјоделска површина регистрирана во Системот за идентификација на земјишни парцели со минималната големина во зависност од дејноста на растително производство која е предмет на инвестиции и тоа:

  • 0,3 ха во случај на инвестиции за одгледување на повеќегодишни растенија (култури) и оранжерии;
  • 0,5 ха во случај на инвестиции поврзани со производство на зеленчук на отворено и
  • 1 ха во случај на инвестиции во земјоделска механизација за полјоделство, вклучително ливади и пасишта.

Сите баратели кои аплицираат за инвестиции поврзани со сточарското производство треба да покажат постоење на минимум Добиточни единици ( во понатамошен текст ДЕ) регистрирани во „Регистарот за идентификација на животните“ на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) со минимална големина во зависност на дејноста на сточарското производство која е предмет на инвестиција и тоа:

  • 5 ДЕ во случај кога инвестициите се однесуваат на млечни говеда;
  • 1,5 ДЕ во случај кога инвестициите се однесуваат на овци и/или кози;
  • 8 ДЕ во случај кога инвестициите се однесуваат на одгледување на свињи и
  • 10 ДЕ во случај кога инвестициите се однесуваат на одгледување на живина (со исклучок на патки, гуски, мисирки, фазани, ноеви, ему и бисерки).

Коефициентите за ДЕ се дадени во Прилог 6 Коефициенти за добиточни единици  ,кој е составен дел на оваа програма.

Барателите со пониски ДЕ од минималните прагови одредени со оваа програма или со намера за започнување на сточарско производство  можат да аплицираат и да користат  поддршка, ако минималните ДЕ се достигнат на крајот на инвестицијата, односно пред доставување на конечното барање за исплата.

Задругата може да ја докаже минималната големина на нивниот капацитет за земјоделско производство преку производствените капацитети на нивните членови – земјоделските стопанства и постојаните договори со кооперантите.

Корисниците се должни да ги евидентираат сите промени на производните капацитети во Регистарот на фарми и во Системот за идентификација на земјишни парцели и/ или Регистарот за идентификација на животни особено оние кои се резултат на реализираната инвестиција пред поднесување на конечно барање за исплата.

Инвестициите треба да се реализираат на имотот кој е во сопственост на барателот. Во случај на инвестициски проекти, кои се реализираат на имот кој не е во сопственост на барателот, треба да биде доставен договор или друг документ со кој се докажува правото на користење на имотот на кој се реализира инвестицијата за период од најмалку седум години од денот на аплицирање за поддршка.

Овластениот претставник на земјоделското стопанство треба да докаже дека има завршено најмалку средно образование или високо образование преку диплома/сертификат или минимум три години искуство во областа на земјоделско производство, преработка или услуги поврзани со земјоделството (докажано преку професионално работно искуство или преку искуството на корисниците на националните програми за поддршка во земјоделството и рурален развој или други прифатливи писмени докази).

Барателите кои не ги исполнуваат горенаведените вештини и компетенции на крајот од инвестицијата треба да обезбедат сертификат за обука издаден од страна на релевантни стручни институции за обука, образовни и истражувачки институции, вклучувајќи ја и листата на модулите за присуство на обуката која е поврзана со инвестициите.

Најмалку едно одговорно лице од земјоделското стопанство – правно лице и задругата-правно лице треба да е во редовен работен однос или под договор со времетраење не пократко од пет години. Во случај на нови инвестиции овој услов треба да биде исполнет пред поднесување на конечното барање за исплата.

Земјоделско стопанство

Барателот- земјоделското стопанство, како и сите производни капацитети на земјоделското стопанство треба да бидат регистрирани како земјоделско стопанство во Регистарот на фарми пред да поднесат барање  за поддршка.

Барателите кои предлагаат проекти за започнување на сточарско производство треба да бидат регистрирани како земјоделско стопанство во Регистарот на фарми и во Регистарот за идентификација на животни пред доставување на конечното барање за исплата.

Корисникот – земјоделското стопанство кое предлага инвестиции во аквакултура треба да биде регистрирано согласно Законот за рибарство и аквакултура во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство пред поднесување на конечното барање за исплата.

Корисникот – земјоделското стопанство кое има инвестирано во преработка на фарма и директен маркетинг треба да биде регистрирано како оператор на храна согласно Законот за безбедност на храната во Агенција за храна и ветеринарство  пред поднесување на конечното барање за исплата.

Задруги

Подносителот на барањето – задруга треба да биде регистрирана како задруга во Централниот регистар.

Барателот – задругата која се занимава со земјоделска дејност треба да биде призната согласно Законот за земјоделски задруги и да биде регистрирана во Регистарот на Земјоделски задруги при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Барателот – задругата треба да достави деловен план како дел од барањето без оглед на износот на вкупниот прифатлив буџет на предложениот проект.

Национални и ЕУ стандарди кои треба да се исполнат

Минималните национални стандарди за заштита на животната средина, јавно здравје и благостојбата на животните во областа на земјоделското производство и преработката на храна се усогласени со релевантните стандарди на ЕУ.

Не подоцна пред реализација на инвестицијата  (конечно барање за исплата е доставено), земјоделското стопанство треба да ги исполнува релавантните минимални национални стандарди кои се во сила за заштита на животната средина, јавно здравје и благостојба на животните. Со цел спроведување на оваа мерка, документот кој потврдува исполнување на важечките минимални национални стандарди претставува задолжителен дел од од конечното барање за исплата кое се доставува до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Барателите кога доставуваат конечно барање за исплата треба да достават документи кои се издадени од страна на надлежните органи:

  • Aгенцијата за храна и ветеринарство, за почитување на јавното здравje согласно Законот за безбедност на храната (се применува за инвестиции поврзани со хигиена на млекото и на фармски активности за преработка во рамките на оваа мерка) и стандардите за благосостојба на животните согласно Законот за благосостојба и заштита на животните (се применува само за секторот сточарство и преработки на фарма во поглед на колење) и
  • Општините или Министерство за животна средина и просторно планирање за стандарди за заштита на животната средина согласно Законот за животна средина (за инвестиции поврзани со изградба на нови објекти, предмет на условите пропишани со прописите за градење и инвестиции во интензивно одгледување на свињи и живина).

Издадените документи треба да се изработат врз основа на претходната оценка на инвестицискиот проект и на самиот барател. Во случај проценката на надлежните институции да покаже дека корисникот не ги исполнува релевантните стандарди, се дава транзиционен период за исполнување на стандардите. Договорот помеѓу корисникот и Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој може да биде продолжен во времетраење кое е доволно корисникот да ги исполни овие стандарди пред да биде доставено финалното барање за исплата. Во вакви случаи продолжувањето на договорот не може да надмине период од три години.

Во случај на инвестиции за преработка и/или згради и објекти за одгледување на добиток, инвестиционите проекти треба да бидат предмет на претходно оценување од страна на Агенција за храна и ветеринарство, во однос на  тоа дали предложената инвестиција го достигнува минималното ниво на релевантните национални стандарди во согласност со релевантните стандарди на ЕУ на крајот на  реализација на инвестицијата.

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој може да добие документ со кој се  потврдува исполнувањето на важечките национални минимални стандарди по службен пат, односно преку пристап до електронската евиденција или во писмена форма преку барање до надлежните органи одговорни за соодветниот стандард. Листата на документите кои го потврдуваат исполнувањето на важечките национални минимални стандарди, која Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја добива по службен пат  ќе биде составен дел од Упатството за корисници.

Целосна и ажурирана листа на национални стандарди кои се во сила и нивната усогласеност со стандардите на ЕУ ќе биде утврдена од страна на Телото за управување со ИПАРД во однос на прифатливите инвестициски активности и приоритетниот сектор од оваа мерка. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ќе ја објавува листата редовно секогаш кога ќе биде направена промена. Ажурираната листа ќе биде составен дел од Упатството за корисници.

  1. Посебни критериуми за прифатливост

Инвестициите кои се однесуваат за наводнување се ограничени на санација/надградба на постојната мрежа за наводнување на имотот на земјоделското стопанство.

Проектите поврзани со поставување или модернизација на објектите за одгледување на зеленчук во заштитен простор се ограничени на инвестиции во постојаните структури – „хали” и стакленици (исклучени се привремените „пластеници -тунели” како непостојани структури).

Лозите или лозниот саден материјал треба да биде во согласност со Националната сортна листа согласно Законот за семе и саден материјал и Законот за вино или со Општиот каталог на ЕУ за сорти на вино и  сорти на винова лоза и подлоги, важечки во времето на објавување на јавниот повик. Сортите на Noah, Oтhello, Isabelle, Jacquez, Clinтon и Herbemonт се сметаат како хибридни сорти и не се дозволени согласно Законот за вино.

Лозовите насади кои се во сопственост или се изнајмени од страна на барателот треба да бидат регистрирани во Националниот регистар за лозови насади пред поднесување на конечното барање за исплата.

Чувањето на животни/живина треба да биде со соодветен простор и објекти со соодветен простор за одгледување како и дополнителен простор. Минималната големина на дозволен простор по животно (крави, овци, кози, свињи и нивните потомци) треба да биде согласно „Правилникот за условите и начинот на заштита на фармските животни” на крајот на инвестицијата.

Просторот за одгледување на живина за месо треба да биде со густина на чување  кој не надминува 42 кг/м²  или 17 бројлери по м².

Просторот за одгледување на несилки треба да биде со најмалку 750 см²  кафезна површина по кокошка (систем за одгледување во кафези) и/или густина која не надминува повеќе од девет носилки на 1 м², со по најмалку едно гнездо на секои седум кокошки и соодветни гранки ( стоилки)  во случаи на алтернативно одгледување на живина.

Инвестиции за производство на енергија од обновливи извори на енергија се прифатливи ако тие се однесуваат на енергетските потреби на земјоделското стопанство и/или производство на енергија за продажба во мрежа доколку се почитува ограничувањето на сопствена потрошувачка (електрична енергија која се продава во мрежа е еднаква на просекот на електрична енергија земена од неа во текот на една година).

Барателите кои предлагаат инвестиции во сточарско производство, во техничкиот предлог проект/деловниот план треба да елаборираат дека  сточарските објекти се надополнети со системи за справување и складирање на ѓубривото во согласност со опциите наведени во Прилог 5 Складирањеи справување со ѓубриво ,кој е составен дел  од оваа програма или да предложат инвестиции за воспоставување и надградба на објекти за справување и складирање на ѓубривото до минимално пропишани опции.

Барателите  кои се занимаваат со интензивно одгледување на свињи со повеќе од 2.000 легла за гоени свињи (над 30 кг) или 750 легла за маторици или инсталации за интензивно живинарство со повеќе од 40.000 легла за живина ,согласно Законот за животна средина, можат да предложат инвестиции за спроведување на активности од оперативните планови за воспоставување на интегрирани еколошки барања. Документот со кој се докажува дека оперативните планови се договорени/одобрени од страна на Министерство за животна средина и просторно планирање треба да биде поднесен при аплицирањето за поддршка, а документот со кој се докажува позитивната оценка за спроведените активности издаден од Министерство за животна средина и просторно планирање треба да се достави на крајот од инвестицијата со конечното барање за исплата.

Барателите кои предлагаат инвестиции за наводнување, во техничкиот предлог проект / деловниот план треба да го елаборираат постоечкиот систем за наводнување и неговата неефикасност во однос на потрошувачката на вода и на каков начин користењето на поефикасен систем за наводнување ќе допринесе за поефикасно користење на водата и водните резерви. Документот за докажување на достапен извор за вода за наводнување треба да биде обезбеден до крајот на инвестицијата односно доставен со конечното барање за исплата.

  1. Економска одржливост на земјоделското стопанство

Помош може да биде доделена на корисници, чии инвестициони проекти покажуваат финансиска/економска одржливост. Економската и финансиската одржливост ќе се оценува врз основа на технички предлог проект или деловен план.

Во случај на проекти кои имаат вкупен буџет под 50.000 евра, финансиската одржливост треба да се покаже преку технички предлог проект.

Во случај на проекти кои имаат вкупен буџет над 50.000 евра и во случај кога барателот е земјоделска задруга, економската одржливост треба да се покаже преку деловен план.

Барателот треба да ја прикаже можноста за континуитетот на работењето во текот на најмалку пет години од реализација на инвестицијата.

Обрасците за техничкиот предлог проект и деловниот план, придружени со белешка за упатство за пополнување на обрасците и најниското/највисокото ниво на финансиските и економските критериуми за одржливост со методологијата за пресметка, се изготвуваат и објавуваат од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој како дел од посебните пакети за поднесување на барање за користење на средства од ИПАРД II.

  1. Приоритетни сектори поддржани со оваа мерка

Мерката е отворена за сите сектори во рамките на Анекс I од Договорот даден во Прилог 7 Листа на производи од Анекс I на договорот од оваа програма освен за секторот „тутун”.

Следните сектори се опфатени со оваа мерка:

-секторот за растително производство:  (i) житарици, (ii) индустриски култури, (iii) зеленчук (вклучувајќи и компир), (iv) повеќегодишни култури (овоштарници, вклучувајќи и трпезно грозје, маслинки, медоносни дрвја (за производство на мед), (v) лозја;

-сектор сточарство: (i) говеда (за: млечни производи, гоење), (ii) свињи (за репродукција, гоење), (iii) овци и кози (за: млечни производи, гоење), (iv) живина (одгледувани за производство на месо – бројлери, кошки носилки);

 -обработка и директен маркетинг на сопственото земјоделско производство на фарма: (I) млеко и млечни производи, (ii) месо и месни производи; (iii) овошје и зеленчук вклучувајќи и компири, печурки и мешункасти култури; (iv) жита, мелничарски производи и  производи од скроб; (v) растителни и животински масла и масти; (vi) шира од грозје, сок од грозје, вино и оцет и

-производство на енергија од обновливи извори за сопствена потрошувачка, преку обработка на растителни и животински производи од примарна и секундарна биомаса (освен биомаса од рибни производи) за производство на биогас и/или биогорива, користење на сончева енергија, ветерници, геотермална енергија итн.

  1. Вид на прифатливи инвестиции

Прифатливи инвестиции во рамки на оваа мерка се:

  1. Изградба или реконструкција на објекти и друг недвижен имот за земјоделско производство (како што се објекти за одгледување на добиток, складирање на храна, објеткти за размножување, оранжерии и / или стакленици и расадници иобјекти за пост-бербени активности), помошни објекти (како на пример, складови за чување на храна и сточна храна, силажа и амбари /силоси ), вклучувајќи ги и оние што се користат за сместување на земјоделските машини и опрема, заштита при работа на работниците во земјоделството, заштита на животната средина (на пример за ѓубриво и септички јами, складишта за биомаса, недвижен имот за вода/канализација/третман на течни ѓубрива, складишта за силажа, објекти за заштитни средства на растителното производство и складирање на  вештачки ѓубрива), како и потребната опрема;
  2. Изградба или реконструкција на објекти и друг недвижен имотот кој се користи за пост-бербени активности, за преработка и маркетинг на земјоделски производи (како што се простории за пост-бербени активности, простории за ладење, пакување, калибрирање, производствeни простории, магацини и продажни пунктови) помошни објекти (на пример објекти за подготовка на суровина, магацини за жито и магацини за чување на готови производи) вклучувајќи ги и оние за заштита при работа и заштита на животната средина (на пример третман на отпад, магацини за биомаса и недвижен имот за вода /третман на отпадни води ) и потребната  опрема;
  3. Набавка на повеќегодишни растенија (со исклучок на семе), вклучувајќи овошни дрва, грмушки и трпезно грозје, маслинки, лозја, вклучително и придружни инсталации;
  4. Набавка и/или инсталирање на нови машини, земјоделска механизација и опрема/инструменти за подобрување на активностите за земјоделско производство на фармата;
  5. Набавка и/или инсталирање на нови машини и /или опрема за подобрување на стандардите на благосостојбата на животните (на пример обезбедување на дозволениот доволен простор, постојан пристап до свежа вода, исхрана, сместување и размножување, чистење на ѓубриво и одмор на отворен простор);
  6. Набавка и/или инсталирање на нови машини и опрема/алатки за пост-бербени активности, преработка и директен маркетинг на фарма, вклучувајќи ги оние за:
  • калибрација, собирање, складирање и ладење (вклучувајќи и манипулација);
  • преработка, пакување, ладење, замрзнување, сушење итн. и складирање (вклучувајќи и манипулација);
  • производство на нови производи, воведување на нови технологии и процеси и
  • подобрување и контрола на квалитетот и безбедноста на суровините и храната;
  1. Набавка и/или инсталирање на нови машини и/или опрема за заштита на животната средина (како на пример за енергетска ефикасност, контролирани климатски услови, справување и складирање на ѓубриво, отпад и третман на нус-производи и третман на вода), вклучувајќи и ублажување на последиците од климатските промени (како на пример заштитни покривки и сенки ) вклучувајќи и обезбедување на електрична енергија и/или греење со користење на обновливи ресурси за да се задоволат потребите на земјоделското стопанство
  2. Инвестиции во објекти за наводнување и опрема за санација/надградба на постоечката мрежа на фарма, како што се цевки, пумпни станици, резервоари, бунари, разни ситстеми за наводнување (на пример капка по капка, фертиригација, системи за наводнување со пареа и подземно наводнување) ;
  3. Набавка на специјализирани земјоделски транспортни приколки и возила, како што се земјоделски приколки, резервоари за млеко, транспортни разладни резервоари за превоз на производството, транспорт на живи животни и живина, специјализирана опрема за транспорт на арско ѓубриво и транспорт на биомаса и
  4. Инфраструктура на земјоделско стопанство, вклучувајќи изградба и реконструкција на патиштата и патеките на стопанството, инсталации за снабдување со електрична енергија, водоснабдување и канализациони системи, одводнување (дренажа), артески бунари, оградување, и други подобрувања на надворешниот простор од имотот на корисникот за задоволување на потребите на земјоделското стопанство.

Прифатливи трошоци во рамки на оваа мерка се:

  1. Материјални вложувања:
  • набавка на градежни материјали и елементи за изградба или реконструкција на згради и објекти;
  • набавка на нова земјоделска механизација, машини и опрема и
  • набавка на повеќегодишни растенија (освен хибриди).
  1. Нематеријални вложувања:
  • стекнување со патентни права и лиценци;
  • компјутерски софтвер вклучувајќи софтверски лиценци;
  • инсталација на опрема (со исклучок на сервис);
  • изградба / реконструкција (вклучувајќи технички надзор) и
  • услуги за садење и обновување на насади.
  1. Општи трошоци:
  • подготовка на техничка документација, градежни планови и придружни студии;
  • подготовка на технички предлог проект / деловен план, пресметка на трошоци, анализи, анализи на пазарот, маркетинг анализи;
  • подготовка на проценка на животната средина и
  • управување со проекти.
  1. Трошоци за специфични информативни и рекламни активности на ниво на проект, кои се во надлежност на корисниците:
  • билборди;
  • плакати и
  • налепници.

Општите трошоци како што се надоместоците за архитекти и инженери и консултанти, физибилити студии, стекнување на патентни права и лиценци не може да надминат 12% од вкупните прифатливи трошоци на инвестицијата. Специфични пониски граници на поединечни ставки може да се утврдат во зависност од типот на инвестицијата.

Прифатливите трошоци треба да бидат утврдени и детално наведени во „Листа на прифатливи трошоци за мерка Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“  која се одобрува од страна на Европската комисија.

Правила за потекло на трошоците

Сите набавки реализирани со средства од оваа програма треба да потекнуваат од прифатлива земја и тоа:

  • земји членки на ЕУ, земји кандидати за ЕУ наведени во Анекс I на Регулативата (EУ) бр. 231/2014, договорни страни на Договорот за Европската економска област и партнерските земји опфатени со Европскиот инструмент за соседство (ЕНИ), и
  • земји за кои е воспоставен реципрочен пристап до надворешната помош од страна на Европската комисија во согласност со условите утврдени во точка (е) од член 9 (1) од Регулативата (EУ) бр. 236/2014.

Доколку износот на набавката е под 100.000 евра во денарска противредност  правилата за потекло не се применуваат.

Tрошоци кои не се прифатливи во рамки на оваа мерка:

– даноци, вклучувајќи данок на додадена вредност; освен неповратен данок на додадена вредност кога e товар на корисниците освен лицата кои не подлежат на оданочување согласно со прописите за данок на додадена вредност;

– царини и увозни давачки, или некои други давачки што имаат еднаков ефект;

– купување, изнајмување или закуп на земја и постојни објекти, независно од тоа дали закупот резултира пренесување на сопственоста на закупецот;

– парични казни, финансиски казни и трошоци од судски спорови, камата на долг;

– оперативни трошоци;

– користени машини и опрема;

– банкарски трошоци, трошоци за гаранции и слични давачки;

– трошоци за менување валута, давачки и загуби во размена поврзани со ИПАРД евро сметката, како и други чисто финансиски трошоци;

– придонеси во натура;

-купување на права за земјоделско производство,  набавка на животни, годишни растенија и нивно засадување;

– секое одржување, амортизирање и трошоци за наем и

-секој трошок настанат од јавната администрација во управување и спроведување на помошта, имено оние на управувачката и оперативната структура и, особено, режиски трошоци, наеми и плати на персоналот ангажиран за активности на управување, спроведување, мониторинг и контрола.

  1. Висина на финансиска поддршка

Финансиската поддршка или вкупните јавни трошоци (75% фондовите на ЕУ + 25% национално кофинансирање) кои се исплаќаат во вид на кофинансирање на инвестицијата во рамки на оваа мерка нема да ја надминуваат стапката од 60% од вкупните прифатливи трошоци на инвестицијата.

Ко-финансирањето ( вкупни јавни трошоци) ќе се зголеми до:

  • 65% за инвестиции во земјоделски стопанства направени од страна на млади земјоделци;
  • 70% за инвестиции во земјоделски стопанства во планинските области (Листа на планински области е дадена во Прилог 2 Листа напланински подрачја  ,кој е составен дел на оваа програма);

Стапката на ко-финансирање ќе се зголеми за 10 процентни за:

  • инвестиции кои се однесуваат на системи за складирање и справување со ѓубриво (на пример, складирање, третман и понатамошно користење на ѓубриво);
  • инвестиции за подобрување на ефикасноста од употребата на азотни ѓубриво (на пример, намалена употреба на азотни ѓубрива, и опрема за прецизно ѓубрење);
  • инвестиции во објекти/опрема, чија цел е подобрување на енергетската ефикасност (на пример, употреба на градежни материјали кои ја намалуваат загубата на топлина);
  • инвестиции во објекти/опрема за производство на био-енергија во случај на обработка на производите (суровините) опфатени со Анекс I од Договорот кој е даден во Прилог 7 Листа на производи од Анекс I на договорот од оваа програма (обработка на животинска или растителна примарна и секундарна биомаса);
  • инвестиции во објекти/опрема за производство на енергија од другите обновливи извори на енергија за задоволување на потребите за потошувачка на енергија на земјоделското стопанство и
  • инвестиции во објекти/опрема за третман на отпадни води/канализација.

Најниска вредност на вкупни прифатливи трошоци по инвестиција изнесува 3.000 евра во денарска противредност.

Максималната вкупна поддршка која може да биде доделена на еден корисник под оваа мерка е 1.500.000 евра во денарска противредност за целиот период на спроведувањето на оваа програма.

  1. Спроведување на мерката

Оваа мерка се применува на целата територија на Република Македонија

Спроведувањето на оваа мерка започнува со објавување на јавен повик за доставување на барање за користење средства од ИПАРД II програмата од страна на  Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Пакетот за потребни документи за доставување на барање за користење на средства во рамки на оваа мерка (вклучувајќи Упатство за корисници, листа на потребни документи,  обрасци на технички предлог проект/деловен план, упатства за пополнување на обрасци и други насоки за корисници) ќе биде објавен во електронска форма на веб-страницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и во печатена форма.

Постапката за одобрување на барањето за користење на финансиски средства од ИПАРД II програмата за мерка „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ не треба да надминува шест месеци од денот на поднесувањето на барањето. Доколку барањето се проверува од страна на посебни служби, проценката на проектот или барањето ќе се одложи се додека релевантните служби не ги достават своите заклучоци или ставови.

Во случаи кога бараниот износ за финансиска поддршка од пристигнатите  прифатливи барања е поголем од достапните финансиски средства во рамки на оваа мерка ќе се пристапи кон рангирање на добиените прифатливи барања согласно критериумите за рангирање пропишани со оваа мерка.

Барателите на средства во рамки на оваа мерка ќе бидат одбиени доколку:

  • не ги исполнуваат критериумите за прифатливост;
  • трошоците не може да се утврдат како прифатливи и
  • проектот не е одржлив.

Прифатливите инвестици ќе бидат предмет на контроли на лице место за да се утврди фактичката состојба споредбено со барањето: дали инвестицијата е веќе започната и/или настанало плаќање, дали податоците во доставените документи одговараат на реалната состојба и други мерења.

Со започнување на реализирање на инвестицијата може да се почне откако Договорот за финансиска подршка помеѓу Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и корисникот е потпишан.

Исплатата на корисникот се врши по достава на барање за исплата/и, а врз основа на декларации за трошоците направени од страна на корисникот и потврдено со оргиналните сметкопотврди/фактури.

Нема да се изврши плаќање на корисник или нивен претставник доколку е утврдено дека тие вештачки ги создале потребните услови за добивање исплата со цел да се оствари корист во спротивност со целите на поддршката предвидени преку оваа мерка

За инвестици кои вклучуваата набавка на машини и опрема, исплатата ќе се врши како единствена исплата на крајот на инвестицијата. За инвестиции кои вклучуваат активности за изградба/реконструкција, исплатата може да се направи на  две рати по избор на корисникот, утврдени во Договорот за финансиска поддршка склучен со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Инвестицијата за која корисникот добил поддршка не смее да се подложи на значителна измена во рок од пет години од денот кога е добиена конечната исплата. Значителни измени на инвестиции се оние кои резултираат со:

– престанок или изнесување на кофинансираните производни активности надвор од територијата на Република Македонија;

– промена во сопственоста на дел од инвестицијата со која се дава на фирма или јавно претпријатие или орган на државна управа несоодветна корист или

– суштинска промена која влијае на природата на инвестицијата, целите или условите за спроведување што ќе резултира со загрозување на нејзините оргинални цели.

Онаму каде што се бара со договорните обврски помеѓу Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и корисникот или со одредбите на Секторската спогодба, по исплатата на државната помош се врши контрола на корисниците да се утврди дали условите за прифатливост се почитувани. Овие контроли ќе се вршат во период од пет години од денот на последната исплата на поддршката.

Корисниците може да поднесат повеќе барања во рамките на оваа мерка во текот на периодот на спроведување на програмата, под услов максималната вкупна поддршка да не е надмината и претходните инвестици да се успешно завршени, односно корисникот да ја има примено конечната исплата.

10. Корисни информации
Потребните обрасци како и „Упатство за корисници на средства од ИПАРД II Програмата во кое се содржани сите информации за критериумите, условите за прифатливост на проектите и условите за финансирање може да се подигнат дитректно во:
1. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Тел.02/3097-460 Адреса: III Македонска бригада бб., Скопје интернет адреса http://www.ipardpa.gov.mk/
2. Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството Тел. 047/228-330 и 047/228-370 Адреса: Климент Охридски, Битола , интернет адреса http://agencija.gov.mk/
За појаснување на ИПАРД II Програмата можете да се обратите до:
3. Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство Тел: 02/3134-477 локал 113,114,115 , Сектор ИПАРД, aдреса: Аминта трети бр.2, Скопје, интернет адреса: www.ipard.gov.mk