Скопје, (14.01.2020)
По посетата на Ранковце, Свети Николе и Струмица, ИПАРД инфо караванот продолжува во следните градови: Прилеп, Тетово, Кичево и Скопје.
Средбата со заинтересираните граѓани во Прилеп ќе се одржи во салата на општината, утре со почеток во 11:00 часот.
Наредниот ден, на 16-ти јануари, на листата е Тетово каде средбата ќе започне во 10:00 часот во големата сала на општината, како и во Кичево, каде средбата ќе се одржи во 14:00 часот во Домот на културата „Кочо Рацин.“
Информативните денови во главниот град ќе се одржат на 17-ти јануари и тоа на две локации, општина Карпош со почеток во 10:00 часот и општина Аеродром со почеток во 14:00 часот.
Кампањата за информирање и едукација за инструментот за претпристапна помош на Европската унија за рурален развој – ИПАРД 2014 – 2020, од страна на Секторот за управување со ИПАРД фондовите при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржува со цел заинтерисираните граѓани и правни субјекти да можат да се информираат за постапките и условите за аплицирање со цел да добијат средства од ИПАРД Програмата.
На инфо деновите ќе биде претставена Мерка 3 од ИПАРД Програмата 2014-2020, која што овозможува инвестиции во физички средства за преработка и маркетинг на земјоделските и рибините производи.
Корисници на мерката можат да бидат правни лица (трговски друштва во рангот на микро, мали, средни претпријатија до 250 вработени и годишен обрт до 50 мил. €) и задруги кои што се занимаваат со преработка на млеко и млечни производи, преработка на месо и месни производи (вклучувајќи јајца и живина), преработка на овошје и зеленчук (вклучувајќи компир, печурки и легуминозни култури), преработка на житарици, мелнички производи и скроб, растителни и животински масти и масла, шира, вино и оцет, а и оние правни лица кои што произведуваат енергија со преработка на примарна биомаса од растително и животинско потекло, со исклучок на биомаса од рибни производи.
Информациите околу деталите, потребните документи и јавните повици, сите заинтересирани може да ги погледнат на веб страниците на Телото за управување со ИПАРД фондовите, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и тоа https://ipard.gov.mk, http://mzsv.gov.mk/, http://agencija.gov.mk/ http://www.ipardpa.gov.mk, или да се јават во Сектор ИПАРД при МЗШВ на 02/3134-477 локал 113, 114 и 115 во АФПЗРР 02/3097-460 и АПРЗ 047/228-330 и 047/228-370.