Утре најава за нов повик од ИПАРД 2

Дома » Утре најава за нов повик од ИПАРД 2

Утре најава за нов повик од ИПАРД 2

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска од Пробиштип соопшти дека утре Платежната агенција ќе го најави вториот повик од ИПАРД 2 Програмата за двете мерки: Инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства и Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи и маркетинг.

– Во утрешните весници ќе биде објавена најавата за двете мерки: за модернизација на земјоделските стопанства и модернизација на преработувачките капацитети и капацитетите повразани со рибарството, односно мерките за кои постои најголем интерес, рече Николовски.

На првиот повик од ИПАРД 2 до денеска се склучени 919 договори со земјоделците и фирмите.

– Тоа е приближно ист број договори склучени вкупно во претходните девет години за ИПАРД 1 на 15 огласи. Овојпат на само еден повик се склучени 919 договори што тежат 15,8 милиони евра од кои 12 милиони се европски пари за механизација, опрема и нови преработувачки капацитети. Тоа говори за капацитетот на Платежната агенција постигнат годинава, како и за квалитетот на апликациите, истакна Николовски.

Министерот информира и дека Македонија има на располагање околу 60 милиони евра од ИПАРД 2, а со почетокот на преговорите за членство во ЕУ се очекува овие средства да се зголемат и за десет пати.
– ЕУ ги отвора фондовите и за социјалата, инфаструктурата и за изградба на патишта, детски градинки, училишта, болници, односно за поддршка на вкупната економија во државата. Ние сме генерација што се грижи за идните генерации, рече Николовски.

Министерот и директорот на Платежната агенција Николче Бабовски се сретнаа со градоначалникот на Општина Пробиштип Драган Анастасов, како и со раководството на ХС „Злетовица“. (МИА)

2018-11-13T09:45:11+00:0027 септември 2018|