Организирана обука за новинари на тема „Принципи и правила за спроведување на ИПАРД фондови“

Дома » Организирана обука за новинари на тема „Принципи и правила за спроведување на ИПАРД фондови“

Организирана обука за новинари на тема „Принципи и правила за спроведување на ИПАРД фондови“

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со Центарот за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој  (CeProSARD), во изминатите два дена во Битола организираше обука за медиуми на тема „Принципи и правила за спроведување на ИПАРД фондови“.

Првиот дел на обуката содржеше посета на реализирани  Ипард инвестиции, при што се посетија Фрутема ДООЕЛ  и Млекара Штип ДОО.

Фрутема ДООЕЛ е лоцирана во с. Сопот, локација Попаша и Свети Јован, Кавадарци. Се занимава со производство на трпезно грозје, кајсии, сливи и цреши и нивна продажба на домашниот и странскиот пазар. Со средства од ИПАРД Програмата корисникот набави систем за наводнување капка по капка и приклучна механизација за внатрередова обработка.

Системот за наводнување капка по капка овозможува нормирано наводнување и дозирано ѓубрење на насадите. Со системот ќе се наводнува површина околу 19 ха. На овие површини се подигнати лозови насади, овошни насади со кајсија, со сливи и цреши. Приклучната механизација за внатрередова обработка на лозовите и овошните насади. Со неа ќе се овозможи квалитетна обработка на почвата внатре во редовите, со што ќе се исклучи употребата на хербициди со цел уништат плевелите кои се појавуваат помеѓу садниците. На овој начин ќе се намали загадувањето на почвата, воздухот и подземните води.Целата инвестиција е во насока на примена на современа технологија за зголемување на квалитетот, рационално користење на ресурите и заштита на човековата околина. Вкупната вредност на инвестицијата е околу 2,2 милиони денари, а кофинансираниот износ над 1,2 милиони денари, односно околу 20 илјади евра.

Млекара Штип ДОО е лоцирана во градот Штип. Се занимава со преработка на млеко и производство на млечни производи и истите ги пласира на домашниот пазар.

Млекара Штип ДОО потпиша договор за користење на средства од ИПАРД Програмата со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралнот развој на вториот јавен повик за ИПАРД за Инвестиции во мерка 103, Инвестиции во обработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи со нивно преструктурирање и надградба за достигнување на стандардите на ЕУ.

Со средства од ИПАРД програмата корисникот изврши набавка на опрема за преработка на сирово млеко и тоа:

– линија за пастеризација со капацитет од 5000л/час. Целта на оваа опрема е подложување на млекото и другите течности на термичка обработка која ги уништува повеќето од бактериите, овозможувајќи подолготрајно и безбедно чување на производите.

– пумпа за контрола и засилување на притисок – капацитет 5000л/час. Целта на оваа опрема е да го спречи можното мешање на сировото млеко со пастеризираното.

-самочистечки сепаратор за масленост. Со него се регулира густината на масленоста, како и квантитетот на масленост на млекото помешана со обезмастено млеко.

-хомогемнизатор со капацитет од 5000л/час.

Вкупната вредност на инвестицијата е околу 10 милиони денари а одобрената финансиска поддршка изнесува околу 5 милиони денари или над 80.500 евра.

Во вториот дел од обуката државниот советник за рурален развој Маргарита Делева на присутните претставници на медиумите им ги презентираше процесите за подготвување на апликација и правилата за спроведување на ИПАРД фондовите. Воедно се дискутираа и новите мерки за ИПАРД и насоките од Европската Комисија за поголемо искористување на фондовите.

2014-06-18T16:20:30+00:002 април 2012|Известување, Соопштенија|